Глигор Стојковски: СТУДЕНА МИНУТА (песни)
ПТИЦИ
Се спуштаат од височините
огромни јата дениноќ павтаат со крилјата
со себе ја носат топлината на гнездата
и младите рожби во нив израснати
гордо и уморно го освојуваат просторот
збиени една до друга
со крикови и погледи споени
пловат небаре жива плоча едри кон исток
кон изворот на новите будења
тоа е сила што доаѓа којзнае од каде
и којзнае зошто ги полни крилјата
струјат и ветер и веди
далечината е неизвесна
новите предели нови јата формираат
се вивнуваат се извишуваат
над крошните
пронижани - ги напуштаат за навек
вековните живеалишта
бележани – се крепат меѓу себе
сето небо го имаат во сините очи
кој пристан да им понуди
нов ден кој да им вети
сал топлината уште им остана
во живи мугри собирана
ќе ја дочуваат ли
ќе ја постелат ли одново
сé да допре
секого да живне
трепери воздухот од ударите на крилјата
сенка ги покрива шумите
долината стивнува
и сонцето и дождовите
нема деца покрај реките
над главите недобројни птици
самрак пред очи
студенило в коски
страв и очај меѓу жителите
и тивок старечки шепот –
дојдете овде
сред благиот мирис
на преснава земја!
СТАРИТЕ ТАЈНИ
Мрачни облаци со непроѕирна вода
здивено ги полнат плитките гнезда –
исчезнуваат топлите воздишки
во напуштен замок
накиснати и прогонети
се трупаат бездомни птици
оловната вода ги поткопува темелите
на шумските домови –
чиниш секој миг ќе ги снема
дојаваа и палави ветришта
ја полнат шумата го полнат замокот
со себеси и со тешката вода
како бледо привидение
низ просторот кораб едри
новите дни ги носи белокос старец
одамна водите ги чека
и гневот дамнешен сега што татни
уморна и студена е душата негова
не ги трга очите од бесното небо
одговор бара и одговор нуди
- потопот ништо нема да реши
ќе си останат древните камења
на своите места во куќите
со мајчини раце галени
и со истите тревки
птиците пак
гнезда ќе свијат
па некоја тивка ноќ
во нив и во првиот сон на децата
- тајните стари ќе ги пластат
ЛЕТ ОД ДОЛИНАТА
Ниту имало ниту ќе има
таков копнеж по висини
такво напрегнување на мускулите
толку силно треперење
се впрегнало сé
со набрекнати жили
повтело од долината да излезе
зрак небесен таму не стигал
глас птичји не шетал
корењата по вода талкале
исцедени
испукани
повтело
над сто неба
над сто сонца
на врвови да се искачи
на кристални карпи да стои
храмови за мртвите татковци да изгради
жедта нивна во сувите лозја да стивне
на коските ги врежале
нови несреќи
новите страдања
самотиите и тагите на челадта
ќе смогнат ли сила и верба
на патот ветен да стапнат
а потем да се вивнат
угоре
во висините
подалеку од пределот морен
ведрината им ја испи
зловестен
неволен
тром и –
вечно алчен
ДО КАЈ ШТО КОРЕЊАТА
ОД НАЈВИШНИТЕ ДРВЈА
СТИГААТ
Најнапред шумата е вовлечена
во мракот
во срцето ѝ е најтемно
ниту глас може да помине
ниту лист наземи да падне
ни ѕверови жедно да за’ржат
потем ја опфаќа тревата
се мушка околу тенките стебленца
им ја цеди свежеста
инсектите се кријат в земја
но и таму го има
стврднат и студен
малку подлабоко
до кај што корењата
од највишните дрвја стигаат
разблажен со вода
и со мека тага
трепка секоја ноќ
секој ден и секој час
- сигнал е тоа
некој горе го лови
го толкува
и – трепери
ПЕРГАМЕНТЕН ТЕСТАМЕНТ
Стапнале на сите врвови
на сите планини
- Хуните!
со потковици правеле географски карти
се оставиле себеси
во археолошките полиња
во житото
во секој земен и надземен плод
ги полнеле очите со далечини
со победи и со порази
огништата ги преместиле
секое ново поинакво
еднакво нивно
сѐ уште блескаат кристалите
дамнешните пламени се на дофат
на секој друм
до секоја вода
гласови за сите векови
Хуните се виорно знаме
на денешните празници
лак и стрела за новите ловци
напишале
пергаментен тестамент
со крвави печати во аглите
ТЕЧНИ ЗАПИСИ
Влегуваат во надојдените реки
на зајдисонце
со товарот од денот што одминува
на телата – голи и крепки
невидливи и невидени
црни капки се лепат
ја длабат
ја тенчат кожата
сонцето сета ја исполнило
непробивна
и за темни магли
и за погледи зли
памети и војсководци и војни
и порази
немоќ и пустош
толку стрели и копја
во толку векови
несмирена стрвност
и пак –
жив бедем
спокојство во домот
зашто таму се течните записи
ѕвездите на нашите синови
на дланките нѐ чуваат
и пред сосем да стемни
до реките доаѓаат
од реките нѐ чекаат
МЕМЛИВО ВЕТЕРЧЕ
Квечерина молкум ја затвора вратата
од домот
истиот миг
од надворешната страна остануваат
отворените патишта до последната точка
потем -
разорани темели
изобилство вода
силата на ветрот
безброј честички кружат околу старата куќа
чекаат погоден час
да се налепат на трошните ѕидови
низ собите струјат темни гласови
деноноќно длабат во малтерот
неутешно копнеат за директна врска
со надворешната страна
ги чувствуваат на кожата
остри отровни бодежи
бесконечни безмилосни удари
ни помисла за одбрана
со исцедени мускули и згаснати погледи
се радуваат на мемливото ветерче
што извира од влажната земја
ВЕЧЕРЕН ЗНАК
Колку страв истекува
од непознат бодеж
во полноќен сон?
зошто телото се превиткува
кога надоѓаат води?
секнуваат ли жилите
од нечиј скорешен гнев?
не може да се избега
нема засолниште во кое не стапнале
татковците
пред кротко да заминат
стапките се пат
молкот в градите е стиснат
студен и затворен
само желните погледи
во доцните есени
околу домовите кружат
сигурен е само
нејасниот вечерен знак
на карпестите планини
по секое заспивање
остро продира во сувите коски
и ги витка –
сѐ поблиску до земјата
СВРЗНИЦИ
Колку поларен ветер во густи слоеви
на дното од планинските масиви
треба да се наталожи
за да изгледа природен
нашиот допир
со студената минута?
дали секогаш распоредот на звуците
на честичките и на зраците
е рамен на положбата на дамарите
на сјајот на окото
на цврстината на раката?
се сретнуваат ли некаде
ударот на громот
и ударот во вената?
кој кого позема
во тивко рамновесие
кога на тенка отсечка
се води делбен дијалог
меѓу горчливото семе
и поларните струи?
зошто ми надоаѓаат
камените пораки
кога ниту миг не се противев
на студената –
на судената
минута
КОПАЊЕ ТЕМЕЛИ
1
Мускулести
до пола соблечени
крупни мажи се слеваат
од црни зори од сите страни во Долината
сенките им лежат на силните раменици
се движат еден по еден
молчешкум
со наведната глави и стиснати вилици
студениот челик од копачите
се лепи на рапавата кожа од
широките дланки
просторот го впива тропотот
на босите нозе по сурите камења
се враќа како ехо од стрмните врвови
и пропаѓа во црвената глинена земја
како прв знак дека доаѓаат
со врежана мисла на челото
2
молк го покрил пределот
никој не зборува и ништо не бара
отсекогаш било така
и отсекогаш тука се копале темели
во Долината која Сонцето ја прескокнува
која птиците за цело небо ја надлетуваат
и за која не знаат инсектите и ѕверовите
копачите млади ги фаќаат темелите
заветот на предците ги гони
плодните утроби на нивните жени
студено ветре им ја суши потта
копањето почнува спокојно
во првиот ред најсилните
силно удираат во густата глина
ја отвораат педа по педа
секоја грутка плитка длапка отвора
нови удари нови откопи
и сѐ поголем отпор
глината се бори за своето тело
ни стихии
ни земни потреси некогаш ја поместиле
рацете - немилосрдни и моќни
деновите – куси и невратни
се наѕираат дождови снегови и ветришта
свиткани молчави
сал целината на темелот им е пред очи
искри на челата им потскокнуваат
ја кинат снагата на Долината
толку гнев и бес и влажен мрак
стапици и одмазда за секој натрапник
налудничава игра
непримерно посегање
зла коб за секоја клетка
жарје ли под нозе ги гори
одговорот се нови удари
- таа проклета глина
студено ветре ја суши потта
старо вино ја гаси жедта
3
стотици години ги копаат
во тишина
со здржан здив -
сон за Дом – во Домот да се кажуваат
спомените
секој удар е врежан во дланките
и во корењата откорнати
оттргнати од стеблата и од фиданките
беседи за тајните и раскошот
пред секое изгрејсонце
се збираат жителите
желно чекаат копачите да се исправат
радосно рацете да ги кренат
згуснати и намножени сенки потскокнуваат
мерка се на силата
која едни темели заменува со други
одговорот не е
ни одмазда ни пресметка
ноќен дожд ги лади жешките тела
4
во некоја доба
кога рацете на копачите ќе бидат
високо над главите
земјата сама ќе се отвори -
и
сѐ ќе проголта
НОЌНА МАГЛА
Ноќна магла го заробува пределот
патиштата ги снемува
движењето сосем смалено
тивко и студено
доаѓањето на денот не се забележува
се препознава само
по тажниот шепот на зраците
нивната тивка болка копнежливо удира
во нечистите окна
бессилни
никому потребни
исчезнуваат во сеќавањата
небаре сѐ неа ја чекало
од дамнина за неа подготвено
сечие минато и сечија иднина
ги премерува
трагите во нив -излишни пораки
со старечко спокојство се успокои сѐ
и со старечка мисла се толкува
мразниот здив на темната магла
никој не ги виде -
мајките -
со строги лица
со цврст чекор
кога застанаа една до друга
пред своите деца
ПРЕД УСВИТЕНОСТА
НА МУГРАТА
Громови издишуваат
во предворјето на денот
спроти новата светлина
спроти новото будење
тревога и предупреда
можеби обична најава на драма
тоа што набрзо ќе се случи
мора цврсто да биде
мора сигурно да мине
и да освои
да се освојува секој трепет
секавици ја обликуваат муграта
на патот нивен
сал ко воин иден
може да се стапне
штом ќе почне по него да се оди
громовен татнеж
ќе мора в раце да се носи
утринскиот блесок
со црни искри
денот бодар ќе го исполни
ГНЕЗДО
Во клуновите носат зрак по зрак
мајсторски кружно ги виткаат
ги местат рамномерно
ги лепат со сјајот на сините очи
- радосните ластовици
Вечерни ветрови палавеат во висините
просторот ги залажува
ги предизвикува
ја става на проба нивната смелост
дните и ноќите се менуваат за час
и облаците сменети
пред видот густи честички
гнездото светка во свеста
- заматена зашеметена
последни гранчиња во клуновите
под стреата на старата куќа
зјае новото гнездо на ластовиците
секое утро деца под него си играат
го полнат со џагор и смеа
од височините
од палавите облаци
ситни солзи ги наросуваат
КОНТРАПУНКТ
парчиња од сон низ видното поле протечуваат
до точка во која се ломат измамата и моќта
(дека кога-тогаш ќе предизвикаш претчувства
дека ќе ги претвориш во кружна прошетка
таа ќе опфати непостојано море
без брег да го чува
без песок да исчезнува во него
ќе ја цеди водата од билките од рибите
ќе продре во вселенскиот спокој
се повторува со здодевниот
ритам на иднината
не можат да се видат прозорците на Домот
се гради во ôд
го крепат новите никулци на пролеттите
и на прелестите кон кои се посегнува без престан
тегобно
копнежливо
во себе се бараат далечините
примамливи
недосегливи
да се пропадне длабоко во нив
крвотокот еднолично до бесмисла
се повторува
на кој врв ќе здивне?)
често низ окото се чепка во утробата
на космосот
(се посакува да се положи на дланка
да се предвидува со електрични протоци
со прототипи на универзуми
се мечтае за средба со претворливи жители
нови форми за нови согласја
и да се отстранат крајпатните дрвореди
соседниот простор да се освои
докрај да се изоди
да се види
да се допре
да се освои
да се приграби и да се отпатува со светлината)
ЈАГОДИНО ДРВО
Во ботаничката градина на Крим постои дрво чии корени допираат до најраните години на човештвото. Неговите плодови имаат облик на јагода.
Протечуваат низ дочуваните вени
се препознаваат во зелени минерали
- текот ноќен на плазмата
го апсорбираат
податокот е пергамент, замрзнати клетки
(резерви-страв-глад-проѕирна кожа):
да се прекине прогнозата на времето
да се навлегува во тајните на земјата
(континентите се движат. намалување
на висинските разлики)
пасивен секс и супериорна математика
судирите без ритам. замрзнати глетки
интензивно умирање
мора интензивно да се умира
императив (или потреба: своја, на мигот, на светот)
што говорел првиот век
(запишано на тенка плоча)
нема значење. ловот е суптилен.
со предумисла.
копка. без прекин.
важен е устремот – упатство
збрка во милениумите
еден каменен чекан во системот
хемиски раствори во идејата
влагата има широки размери
натопено е сѐ: коренот, стеблото
дочуваните плодови содржат атом
- прекрасна рамнотежа во желудникот
сеќавањата – живи потоци
GLIGOR STOJKOVSKI (1952), pjesnik, esejist, završio je Filološki fakultet (Jugoslavensku kniževnost) u Skoplju. Od 1979, kada mu je izašla prva pjesnička knjiga „Починка во чисти честички“, objavio ih je petnaestak, između ostalih „Пајак“, „Очно дно“, „Искрвавени мугри – како загина Кочо Рацин“, „Студена минута“, „Зад билката молк“, „Заборавено око на небото“, „Божја честичка“,„Неминовен молк“, „Овие песни“. Dugogodišnji novinar, bio je sedamnaest godina urednik Kulturne rubrike „Nove Makedonije“. Od 2001. godine glavni je urednik i izvršni direktor izdavačkog preduzeća „Kultura“. U 2010. osnovao vlastitu izdavačku kuću ViG ZENICA. Autor je nekoliko publicističkih knjiga, koautor monografije o Makedoniji, član Društva književnika Makedonije. Dobitnik je najvećih pjesničkih nagrada u Makedoniji („Браќа Миладиновци“, „Кочо Рацин“, „Григор Прличев“ i druge). Pjesme su mu uvrštene u više antologija.